„Мајки“ на Манчевски премиерно во Торонто
Според директорот на фестивалот, Пирс Хендлинг, кој е селектор на програмата „Специјални презентации“,Манчевски е прерано созреан талентиран македонски режисер
Новиот филм на режисерот Милчо Манчевски, „Мајки“, кој имаше работен наслов „Како бебе“, ќе има светска премиера на еден од најпрестижните светски фестивали во Торонто, на 13 септември. Филмот ќе биде прикажан во програмата „Специјални презентации“, во која пред три години премиера имаше и неговиот претходник „Сенки“.
Според дистрибутерот „Манаки филм“, за филмот се заинтересирал директорот на фестивалот, Пирс Хендлинг, кој е и селектор на таа програма. Според него, Манчевски е „прерано созреан талентиран македонски режисер“.
- Како што сугерира насловот, филмот е за мајки. Но е многу повеќе од тоа, со оглед на тоа дека Манчевски создава вид свидетелство на актуелното расположение во неговата држава. Трилогијата од епизоди во овој секогаш сериозен, често провокативен и конечно вознемирувачки филм му ја дава слободата на Манчевски да прикаже многу различни аспекти од современа Македонија. Под површината на сите епизоди лежи мала мрежа на лаги и предавства - пишува Хендлинг на интернет-страницата на фестивалот.
ВО ПРОГРАМА СО КЛИНТ ИСТВУД
Во рамките на програмата „Специјални презентации“ се вклучени 18 филма, меѓу кои 14 се светски премиери. Филмот на Манчевски ќе биде во селекција меѓу најновите филмови на Клинт Иствуд, Дени Бојл, Беноа Жако, Џон Туртуро, Кеси Афлек.
Според директорката на „Манаки филм“, Тања Пепељугоска, македонската премиера се' уште не е закажана, но веројатно ќе биде набрзо по премиерата во Торонто. Таа додаде дека од продуцентот ќе зависи дали филмот ќе се кандидира за македонскиот избор на кандидат за „Оскар“ за 2011 година.
„Мајки“, кој е македонско-француско-бугарска копродукција, се снимаше есента на локации во земјава - Скопје, Мариово, Кичево, Тетово и Гостивар. Продуцент на филмот е Гркинката Кристина Калас, а зад македонскиот дел на продукцијата стои „Банана филм“. Монтажата беше завршена летово во студија во Париз, Лондон и во Минхен.
Директор на фотографија е Владимир Самоиловски, кој прв пат работи со Манчевски. За него била голема чест што тој го поканил.
Новиот филм на Милчо Манчевски, со наслов „Мајки“, на 16 септември ќе доживее светска промоција. Прва ќе го види канадската публика на најголемиот филмски фестивал во Северна Америка, во Торонто. Единствениот македонски режисер добитник на престижниот „Златен лав“ на Венецискиот фестивал (1994 година за „Пред дождот“) вели дека овој пат за новиот филм има одличен тим, кој треба да му обезбеди удобност и долговечност на филмот. Со работа на нов проект почнува веднаш по премиерата.
„Мајки“ прв пат пред публика и тоа во на фестивалот во Торонто. Таму беше првата проекција на претходниот, „Сенки“. Дали тоа е среќна околност?
- Не е само среќна околност, туку е и убав континуитет. Торонто е еден од оние фестивали (како и Венеција, Токио, Сао Паоло, Истанбул, Тајпеј, итн.) што сериозно ја почитуваат мојата работа и каде што има континуитет на прикажување на моите филмови. Директорот на фестивалот е од старата школа, има огромно познавање на филм воопшто и знае да прави храбри потези во изборот. Торонто е и најголем фестивал во Северна Америка и еден од најважните во светот, па како таков многу е погоден за светска премиера. Доаѓаат сите агенти за продажба, дистрибутери и медиуми. И нашиот дистрибутер, и агентот за продажба, и продуцентите се радуваат како мали деца што филмот има премиера во Специјална презентација, во новото кино и во одличен термин. Веројатно и мене ќе ми беше голем мерак - да немав аверзија кон црвени килими и слични циркуси.
Како бебе“ беше работниот наслов на филмот. Го крстивте „Мајки“. Зошто?
- Затоа што мајките се оние што први не' учат на лага и на вистина.
Познато е дека филмот за тема ја има вистината. Практично има три дела од кои едниот е документарен (за Владо Таневски). Тешко ли беше да се направи форма на едно цело?
- Филмот го разработува односот меѓу вистината и лагата, меѓу играното и документарното. Понекогаш ќе каже некој „ова е за на филм“, ама толку е неверојатно што ниедна публика нема да го прифати како драматуршка конструкција - иако навистина се случило! Што би рекол Том Кленси: „Се разбира дека вистината е поневеројатна од уметноста. Во уметноста мора да има логика“. Кој е нашиот однос кон вистината - како луѓе, како поединци, како култура? Колку сме воспитани да ги лажеме другите, па дури и себе? Дали сме бесрамни? Овие прашања кон себе (и кон гледачот) ги поставувам низ една експериментална форма каде што трите приказни не се спојуваат наративно, како прикаски, како содржина, туку само како атмосфера и како тема.
Секогаш, а особено овој пат, цел ми е моите дела да поставуваат светски стандард, да предводат, да бидат инвентивни на глобално ниво. Резултатите на оваа моја намера се обработени во стотици есеи и книги за моите филмови; филмовите се предаваат и на десетици и десетици универзитети, а дури се и синематска школска лектира во Италија (во италијански неповлечен учебник). За жал, кај нас критериумот се потпира врз имитација на она што е работено на латиница, често без усул, додека пак во светот често очекуваат од тебе да бидеш понизен и да фаќаш на егзотика ако доаѓаш од мала земја - наместо да наметнуваш стандарди, да предводиш со квалитет и со визија во својата фела.
И' благодарам на Македонија која засекогаш ќе остане моја инспирација. На некој начин „Мајки“ е огледало на оваа заедница, на она што се случува денес тука, ама тоа не се однесува само на земјичкава. Ова (како и другите мои филмови) е филм од Македонија, а не филм за Македонија.
Филмот воопшто не е за Владо Танески. Филмот, меѓу другото, зборува и за убиствата на жените во Кичево, за една клаустрофобична средина и за болни умови, а Танески е само еден од луѓето што биле на еден или друг начин дел од тие случувања. Јас не знам дали Танески е навистина сторителот на тие грозни убиства. Тоа треба(ше) да го каже судот.
Мариово повторно во Вашиот филм. Инспиративен амбиент?
- Апсолутно. Мариово е еден од најубавите предели на планетава. Не само сликата, туку и мирисот, звуците, широчината. Многу ми е жал што неповратно ќе се уништи со хидроцентралите, ама и тоа е дел од неспособноста да се препознае и да се заштити убавото или уникатното. Тоа се случи со Охрид, со Дебар Маало, сега ќе му се случи и на Мариово.
Главните улоги повторно на анонимни актери, а многумина од постарите се од „Сенки“ (Диме Илиев, Ратка Радмановиќ и други). Поубаво се моделираат младите, доверба спрема проверените или нешто друго?
- Тоа е доверба кон нечија способност. Многу ја почитувам способноста во работата, во која било работа. § се радувам. И мило ми е кога работам со способни луѓе, актери или екипа. Избирам според способностите. Не ми е важно дали е некој голема ѕвезда, провинциска ѕвезда или непознат. За улогите во моите филмови ги избирам актерите што се апсолутно најдобри за тие улоги и тука нема компромиси. Кај нас има извонредни актери. Ќе ви раскажам еден момент од снимањето: во „Мајки“, Ратка Радмановиќ глумеше една емотивно тешка сцена, во физички тешки услови. Таа ја одигра, јас викнав „Стоп“ и се случи нешто што никогаш го немам видено - целата екипа почна да и' аплаудира на Ратка, како да сме на сцена, а не на снимање. Сите беа понесени, и техничари и колеги.
Велите дека Вашата работа завршува кога завршува работата на филмот. Колку вложувате лични ангажмани за да му обезбедите живот на своето дело?
- Онолку колку што морам, како да пишувам домашна. Тоа се деловни обврски, па ќе се појавам на некој од фестивалите или ако мора на некоја од премиерите, ќе помогнам во презентацијата, ќе дадам мислење за плакатот или за трејлерот, и често тоа ќе се развлече со месеци или со години. Со тоа треба да се бават продуцентите и другите костумисани. Сметам и дека на гледачот не му треба толкување во примањето уметничко дело. Тоа е како да и' објаснуваш на девојка зошто си се заљубил во неа или - бетер - зошто таа треба да се заљуби во тебе.
Филмскиот свет кај нас се фрустрира зашто Ве сметаат за милениче на актуелната власт, дека лесно се реализираат вашите творечки планови без разлика на цената. Се доживувате ли повластено?
- Филмскиот свет кај нас е фрустриран, точка. И јас би бил да сум филмски автор чиј филм го видело само неговото семејство и чиј филм не успеал да излезе од неговото маало, не пак да оди на големи фестивали и уште да победи во светска (а не фамилијарна) конкуренција или да биде на редовната кинопрограма во САД или Британија, или Бразил, или Јужна Африка, или Кореја. Не, не се чувствувам повластено, напротив.
Во моите четири филма Македонија како финансиер учествувала со вкупно 19 отсто од цената на филмовите. Обично прво влегуваа странските инвеститори, па дури потоа Македонија. Значи јас тука донесов не само едно чудо странски инвестиции што тука се потрошија, туку и едно чудо светски стручњаци од областа на филмот - ич да не зборуваме за меѓународни признанија и за трасирање на патот на македонската кинематографија и култура на глобален план. Патем школував десетици филмски работници. Ме интересира колку странски пари за македонски филмови донеле немиленичињата. Во Македонија - со ретки исклучоци - нема копродукции, и покрај правилата на Фондот. Какво милениче ќе бев кога сум изложен на редовни опструкции од културњачки апаратчици? Во моите филмови финансирале сите наши влади од 1993 до сега, ама и британската, француската, бугарската и германската влада, италијански компании, Еуроимаж, Полиграм, Бритиш скрин, Мирамакс, Њу лајн синема, Роберт Редфорд, Твенти сенчри фокс и ред други инвеститори. Значи, испаѓа дека сум милениче и на многубројни странски и наши влади и инвеститори. Вложувале веројатно затоа што оцениле дека во моите дела има уметничка и комерцијална вредност. Во светот на возрасните, финансии за проект не се добиваат оти е некој најубав на мајка или оти е послушен партиски војник, ами оти си го бива за работата.
Сто пати досега ги имам кажано овие работи и со секоја промена на власта го добивам истото прашање - дали сум миленик? Смешно ми е прашањето (како кога повторувачи се жалат дека одличниот ученик е миленик на учителката, иако овој се здробил од учење), ама и по малку тажно оти стално ме потсеќа дека Македонија цело време се шлапка во калта на меѓупартиските препукувања и жед за власт, и на перверзен начин сите уживаат во тоа.
Од „Пред дождот“ до „Прашина“ 7 години, од „Прашина“ до „Сенки“ - 6 години, од „Сенки“ до „Мајки“ - 3 години. Се намалува периодот од еден до друг проект. Следниот кога? Какви се плановите?
- Овој пат, за разлика од минатиот, имав извонреден менаџмент, чесни и способни продуценти, и супер си поминав. Патем направив и суперфилм. Почнувам со работа одма, в понеделник.
Извор: Дневник